Лајчак со Ескобар: На врвот на агендата е ситуацијата на северот на Косово и Метохија

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар изјави дека предизвиците на Западен Балкан не исчезнале и оти Ситуацијата на северот на Косово и Метохија е на врвот на неговата агенда.

Лајчак најави дека ќе го посети Европскиот форум во Алпбах, Блед и Белград, каде ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти, „како и со голем број партнери, пријатели и експерти за Западен Балкан и светските политички настани“.

Лајчак на својот Фејсбук профил објави дека и покрај тоа што темпото во Брисел забави во текот на летото, предизвиците на Западен Балкан не исчезнаа.

„Особена област што останува високо на мојата агенда е ситуацијата на северот на Косово“, додаде Лајчак.

Тој нагласи дека го поканил Габриел Ескобар во Брисел на детални дискусии и средби со цел да се подготви за следните месеци и дополнително да ги зајакне заедничките напори.

„Заедно со нашите тимови детално разговаравме за прашањата поврзани со дијалогот, меѓусебно си дадовме оценки за актуелната состојба, настаните од последните месеци и очекувањата за следниот период. Исто така, се погриживме да ги усогласиме неопходните следни чекори и приоритети“, рече Лајчак.