Шопов да беше роден во моќна западна земја, ќе беше школска лектира, порача Елизабета Шелева

Сто години од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов – ова е поводот за денешното одбележување во црквата „Св. Софија“ во Охрид во рамки на 62. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“. Обраќање имаше литературната критичарка и теоретичарка, Елизабета Шелева, која потенцираше дека Шопов е поет од светски ранг.

„Моето обраќање денес, по повод 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, кој беше прв претседател на Советот на СВП, по измината временска дистанца од 62 години, го доживувам не само како особена чест и привилегија, туку и како симболично совпаѓање на неколку детали и околности, занимливи од книжевно-историски аспект. Имено, тие потврдуваат дека времето како невидлив уметник го ниже својот величествен мозаик од „камчињата“ историја што само на прв поглед изгледаат како случаен сплет на луѓе и настани – рече Шелева.

Посочи дека неодамна починатиот книжевен великан Милан Кундера во една прилика изјавил „Малите народи даваат големи поети“.

„Оваа констатација на Кундера, покрај другите, го опфаќа и е применлива и на самиот Ацо Шопов. Тој беше и остана голем поет кому „забот на времето“ не успеа да му украде, ниту да му одземе ни трошка од поетската магија и убавина. Да беше роден во некоја од моќните западно-европски книжевни култури и традиции, Ацо Шопов несомнено ќе беше вграден како незаобиколен автор во тамошната школска лектира и како неизоставен дел (припадник) на националниот книжевен канон“ – истакна Шелева.

Потенцираше дека Шопов зад себе ни остави богато и респектабилно книжевно наследство, сплет од безвременски песни и мотиви чии елементи и крилатици ги освоија срцата и паметењето на неговите читатели.