Осумгодишно дете сведок на двојно убиство и самоубиство во Куманово – заклучено во соба врескало за помош

Додека во една од просториите се одвивала кавга помеѓу мажот и жената, 8-годишно дете било заклучено во другата соба, велат информациите за вчерашната трагедија во Куманово.

Блиски роднини го презеле и се грижат за 8-годишникот од Куманово кој вчера беше сведок на трагедијата во која неговиот 46 годишен татко со нож ја избоде до смрт 40-годишната сопруга и нејзината мајка, а потоа и се самоуби, потврдуваат од обвинителството за Канал 5 тв.

Оттаму велат дека заедно со полицијата ги расчистуваат сите детали, а во меѓувреме во јавноста кружат неколку верзии околу тоа како конкретно се одвивал настанот, но официјално засега нема потврда.

Според сознанијата, детето било заклучено во една соба, додека во друга се одвивала кавга помеѓу таткото и неговата мајка. Откако ги избодел, 46 годишникот самиот се фрлил од прозорецот, а соседите повикале полиција поради повиците за помош од детето.

Според друга верзија пак, мажот се фрлил од прозорецот на 6-тиот кат во зградата на улица Лесковачка, откако ги видел екипите на полицијата.

Осомничениот веднаш бил префрлен во кумановската болница, но не преживеал.

Дел од сограѓаните по социјалните мрежи тврдат дека мажот неколкупати бил пријавуван за семејно насилство и според дел од нив, институциите потфрлиле, неспречувајќи го ова двојно убиство на мајка и ќерка.