
Не ми се чини дека лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ искрено сакаат членство во ЕУ и се плашам дека нема да гласаат за уставните измени ниту сега, ниту евентуално по избори, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Според него, не е добро да се чека подобар предлог како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, зашто искуството вели, нагласува Маричиќ, дека во минатото од чекање сме имале штета.
Сепак, отворени сме за предлози како да се надмине проблемот во интерес на евроинтеграцискиот процес, од ВМРО-ДПМНЕ велеа дека треба да се бараат и нови гаранци дека за земјава нема да има нови условувања ако уставните измени поминат, дури и за тоа сме подготвени да се разговара, иако, всушност имаме гаранции дека нема да има нови барања кои ќе го условат нашето членство, рече Маричиќ за време на промоцијата на кампањата „И ние сме Европа“ и нагласи дека целта на Владата е секако, гласањето на уставните измени да помине со поддршка на целата опозиција.
„Се сомневам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи уставни измени, а ако е така, тогаш сметам дека е неопходно ќе биде да се искристализираат две политички опции на оние кои се за членство во ЕУ и на оние кои се против“, рече Маричиќ.