Големи единици на руските сили се движат во офанзива во североисточниот сектор на фронтот кон градот Купјанск, каде што се водат жестоки борби, соопштија украинските власти, цитирани од Ројтерс.
Во понеделникот, портпаролот на источните сили на Украина рече дека руската војска собрала повеќе од 100.000 војници и повеќе од 900 тенкови во областа.
Украинската армија ја започна својата контраофанзива во источна и јужна Украина пред неколку недели. Сепак, украинските власти велат дека има зголемување на нападите на руските сили во близина на Купјанск и во близина на Лиман, градови во североисточна Украина кои беа повторно заземени од украинските сили кон крајот на минатата година.
Според украинските претставници, големи руски воени формации се обидуваат да ги пробијат украинските одбранбени линии во оваа област.
„Два дена по ред непријателот активно напредува во секторот Купјанск во Харковската област“, напиша во Телеграм заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малјар.
„Ние се браниме. Има жестоки борби и позициите на двете страни динамично се менуваат неколку пати на ден“, рече таа.
Серхи Черевати, портпарол на источната украинска група на војски, на националната телевизија ја спореди големината на руските сили со бројот на советските трупи во Авганистан на врвот на инвазијата на Советскиот Сојуз, кога тие броеја речиси 120.000 војници.
Шефот на военото разузнавање на Украина, Кирило Буданов, во мај изјави дека според него 370.000 руски војници веќе се во земјата.
Според Черевати, руските трупи во областа Купјанск вклучуваат десантни единици и најдобрите моторизирани пешадиски формации на руската армија.
„Непријателот ги концентрира сите ресурси за да ја наруши нашата одбрана“, рече портпаролот.
„Ситуацијата е комплицирана, но под контрола [на исток]“, рече на Телеграм генералот Олександр Сирски, командант на украинските копнени сили.