Илир Мета – претседателот на Албанија пред одлуката што в понеделник се очекува да ја донесе Уставниот суд во врска со неговото разрешување, на социјалните мрежи вели дека е горд на својата апсолутна кохерентност.
„Мојата кохерентност беше апсолутна за демократијата, плурализмот, европските интеграции и заштитата на Уставот, што никогаш не може да се измени без референдум“ – наведува Мета.
Тој пишува дека неговите дела се поврзани со интересот на сите албански граѓани, за што е многу горд.
Денеска Мета објави и видео на Фејсбук во кое вели дека никогаш нема да ги предаде неговите поддржувачи и Албанците.
„Никогаш нема да ги предадам моите поддржувачи и Албанците. Подобро да си предаден отколку да си предавник, предавникот секој го користи, но никој не го сака“ – наведува Мета.
Уставниот суд в понеделник треба да донесе одлука околу уставноста на одлуката за негово разрешување, што албанскиот Парламент ја донесе на почетокот на јуни минатата година.