Ковачевски: Порано дебатите ги водеа пропагандисти, не штедиме напор да ги забрзаме разговорите со Бугарија

„Ни треба решение, засновано на меѓусебно почитување и на европските вредности. Ова решение треба да резултира со укинувањето на ветото на Бугарија и да послужи како основа за добра соработка меѓу нашите две земји“. Ова го изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски во интервју за белгискиот дневен весник „Ла Либре“.

Тој додава дека процесот за започнување на преговорите со ЕУ на земјава трае долго и поради тоа не се штедат напори за забрзување на разговорите со Бугарија.

„Кај нас постои консензус за евро-атлантските интеграции. Постигнавме една од нашите цели со влезот во НАТО. Онаа за членство во Европската Унија сè уште не е постигната. Донесовме тешки одлуки како земја за да можеме да станеме членка на НАТО и да можеме да ги отвориме преговорите со ЕУ. Европската унија мора да ги исполни своите ветувања за Северна Македонија, имајќи ги предвид четирите позитивни извештаи на Комисијата за развојот на нашата земја“ – рече Ковачевски.

Смета дека отпочнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија ќе има ефект за да ги повлече и другите земји од регионот напред и да ги мотивира да ги забрзаат нивните напори за отворање или продолжување на пристапните преговори. Посочува дека досега дебатите на релација Скопје – Софија ги водеа пропагандисти, сега, наведува тој, генерираме позитивна енергија со Бугарија

„Имавме многу плодни дискусии и заклучивме дека е потребно да се врати довербата меѓу двете влади, но и меѓу општествата и граѓаните на Северна Македонија и Бугарија. Во минатото дебатите главно се водеа од пропагандисти, кои лошо влијаеа врз медиумите и врз перцепцијата на состојбите од страна на граѓаните на двете земји“ – кажа премиерот Ковачевски.

Според премиерот, „процесот на започнување на преговорите со ЕУ траеше долго. Оттука, не штедиме напори да ги забрзаме разговорите со Бугарија. Кај нас постои консензус за евро-атлантските интеграции“.