Шведска ќе укине дел од Ковид ограничувањата
Од следната недела во Шведска ќе се укинат дел од ограничувањата воведени за спречување на ширењето на пандемијата и покрај рекордниот број заразени, бидејќи смета дека вакцинацијата со трета доза ќе ја задржи хоспитализацијата на прифатливо ниво.
„Време е повторно да се отвори Шведска“ – рече премиерката Магдалена Андерсон на прес-конференција.
Таа додаде дека стапките на зарази ќе останат високи долго време, но, како што рече, „најлошите последици од инфекцијата се зад нас“.
Погодена од многу заразната варијанта Омикрон, Шведска постојано регистрира нови дневни рекорди на заразени, што го оптоварува здравствениот систем, иако помалку отколку во претходните бранови.
Кога започна пандемијата, Шведска избра посебен пристап, помалку строг отколку во другите земји, главно потпирајќи се на самодисциплината на луѓето во почитувањето на физичката дистанца и хигиенските мерки, но постепено почна да спроведува и построги ограничувања.