Играчите на Баер Леверкузен: Одвратно и тажно е ова што го прават Мурињо и Рома

Рома одигра 0:0 на гостувањето кај Баер во Леверкузен во реваншот од полуфиналето на Лига Европа, ја одбрани предноста од 1:0 од првиот натпревар и се пласираше во финалето на ова натпреварување.

Во него на 31 мај во Будимпешта ќе играат против Севиља која по продолженијата го исфрли Јувентус.

Жозе Мурињо постави бункер пред својот гол кој цели 90 минути беше под опсада на домашните фудбалери. Рома го имаше единствениот удар кон голот во 1. минута, а до крајот на натпреварот имаше 28 проценти од поседот.

Но, Германците не можеа да ги скршат Италијанците иако имаа дури 22 шута.

По натпреварот играчите на Баер плукаа по играта на тимот на Мурињо.

„Штета што овој стил на игра се наградува со оди во финале на вака квалитетно натпреварување. Грдо е. Грдо е и за фудбалот. Секоја чест за противникот што ја постигна целта на одвратен начин”, изјави Керем Демирбај.

„Не заслуживме да бидеме елиминирани од екипа која нема врска со фудбалот. Се прашувам како е можно да бидеме елиминирани од нив… Лудо е таква екипа да игра финале”, истакна Надием Амири, а спортскиот директор на Леверкузен Симон Ролфес исто така ја критикуваше играта на Рома.

„Секогаш имаше некој од тимот на Рома што лежеше на теренот бидејќи беше „тешко повреден”. Мислам дека сите навивачи на Баер ќе ја бодрат Севиља во финалето. Жално е што таквиот стил на игра води до успех”.