Во Белград нов протест организиран од опозицијата

Попладнево се одржува третиот митинг „Србија против насилството“ во организација на дел од опозицијата и граѓани на Србија. Протестот започна во 18 часот пред Собранието на Србија.

Собранието на Србија ја продолжи расправата за владиниот извештај за безбедносната состојба по масовните убиства во Белград и на подрачјето на Смедерево и Младеновац, но без претставниците на Демократската партија и Клубот Зелено-левичарски, кои одлучија да не учествуваат на седницата. Дебатата за извештајот, која ја образложи премиерката Ана Брнабиќ, започна вчера попладне.

Граѓаните на протестот скандираат: „Вучиќ, оставка!“

Кога почнаа говорите на организаторот, телевизиите имаа проблеми со преносот поради преголемата гужва. Прва зборуваше Ивана Михајловиќ, земјоделка и една од мајките од Пеќина, на кои, како што вели, им згрешил режимот на Вучиќ.

Таа изјавила дека на нејзиното дете му било забрането да оди во градинка бидејќи минатата година учествувала на протестите на земјоделците.

„Сакаме да живееме без страв во нашата земја. Тука сме затоа што сакаме Србија без насилство. Зарем тоа не им е јасно на сите? Тие што ја водат државата имаат апсолутна моќ, но и апсолутна одговорност. Не смееме да им дозволиме да си играат со нашите и животите на нашите деца. Барањата се јасни: бараме прекин на промовирањето на насилството, а тоа подразбира итно отпуштање на сите членови на РЕМ. Исто така, итно откажување на реалното шоу“, изјави таа.