Олимпијакос прв финалист во кошаркарската Евролига

Кошаркарите на Олимпијакос ја оправдаа фавортиската улога и го совладаа Монако со 76-62, во рамките на првото полуфинале во Евролигата.

Пресметката во „Жалгирио Арена“ во Каунас понуди две различни полувремиња.

Тимот од кнежевството одигра храбро и водеше во првиот дел, меѓутоа целосно се распадна и дозволи досега невидени 27-2 во третата чевртина. Со тоа Грците ја израдуваа многубројната публика во Каунас и ќе се борат за трофејот.

Натпреварот тргна изненадувачки добро за Монако. Избраниците на Саша Обрадовиќ изгледаа помотивирано од ривалот, па тоа го покажаа со резултатот. Освен на самиот почеток, Французите водеа во текот на целото полувреме, па така на одмор заминаа со водство од 12 поени (29-41), предводени од разиграниот Мајк Џејмс.

Сепак, како светот да запре во вториот дел. Олимпијакос отвори со серија од 14-0, со што дојде до минимално водство. Монако како да беше во шок, а грчкиот колектив во целост ја казни збунетоста. Тимот од Атина ги казнуваше сите грешки на противникот, шутот им одеше од рака од сите позиции и така третиот период го добија со неверојатни 27-2, за предност од 56-43 во пресрет на последните десет минути.

Монако се обиде да се консолидира, одигра солидно на стартот на четвртата четвртина, меѓутоа пријде најблизу до седум поени негатива. Олимпијакос воден од многубројните грчки навивачи во целост го надигра ривалот до крајот и дојде до победа со двоцифрена разлика.

Александар Везенков со 19 поени беше најефикасен играч на натпреварот, додека Мајк Џејмс и Ели Окобо кај Монако завршија со два помалку.