Георгиев: И Црвенковска и Дамева нафрлија нешто пред медиумите, и сега – затворени како кутија

,,Испадна дека и Црвенковска и Дамева нафрлија нешто пред медиумите, и сега – затворени како кутија. Треба да се каже тоа, да се каже што е проблемот” – истакна новиот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев во новото издание на Трилинг.

,,Оставката на потпретседателот е депонирана. Тоа е факт. Со одложена примена, примена на оставката, констатација од причина што треба во отсуство кога е разрешен претседателот, заменикот согласно законот, а Судски совет сите овие мои назначувања како нов претседател, еве ќе ви кажам, јас се уште не сум депонирал потпис заради административни работи во службите, и еве во процедура е. Дававме изјава кај нотар, значи целата таа процедура се работи на тоа и јас очекувам дека за ден два три.. Не е спорно тоа.. Тоа е хартија која што е приложена во советот. Очекувам и најверојатно наредната недела ќе имаме седница за избор на заменик претседател” – вели тој.

На прашањето „Кога ќе ги разрешите судиите кои ги кријат во фиока предметите, случаите кои свесно застаруваат, предмети кои се враќаат одново на преиспитување?” тој вели:

,,На првата седница на која јас располагав со неа тоа беше мислам на 9 мај, јас ја продолжив оваа седница, формирани се комисиите. Не смеам да ги кажам имињата, но ја повикувам јавноста да верува на сето ова, најодговорно го тврдам ова. Ако некој се сомнева во тоа работење, имаме надлежни институции, имаме инспекциски совет да видат како е работено во Судскиот совет дали е или не е работено законски” .

Георгиев говореше и за лошата слика во македонскиот правосуден систем.

,,Моја анализа, верувам дека сум право, но не мора да значи. Веројатно судството има свој придонес за таквото мнение. Со ниска доверба, со состојби во судството и сето тоа. Ќе се согласам дека не ни се добри работиве во делот на довербата и дека на тоа мораме да работиме. Во делот пак на сите проблеми во системот неизбежно е дека тоа се одразува и во судството”.

Тој откри и кој е виновен за ваквата состојба во правосудниот систем.

,,Виновни се сите системски проблеми што доведоа до таква состојба, тоа е мојата перцепција за таквата состојба. Состојбата со апелационите судови, таа е видлива, дека состојбата за некои сензитивни предмети се развлече временски и немаше одговор, јас сум критичен во тој дел” – вели Георгиев.

Со тоа што тој напомена дека бараат одговорност од судиите, се постави прашањето „Зошто не ги разрешите?’’

,,Сега… Како да кажеме да ги разрешиме… Затоа реков дека имаме постапки на кои се работи. И да бидеме на чисто, ние имаме постапки кои што ги водиме токму заради вакви проблеми во судството. Од друга страна ако се вратиме наназад имаме голем број на разрешувања” – истакна новиот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев.

Тој истакна и дека на новата седница на Судскиот совет ќе биде дозволено присуство на медиумите.