Американската сојузна држава Монтана вчера усвои закон за забрана на TikTok, кој ќе биде тешко да се спроведе во сегашната форма, но може да ја зголеми подготвеноста на САД еднаш засекогаш да ја забранат популарната платформа на кинеската група ByteDance.
Законот SB419, прифатен со 54 гласа (43 беа против), допрва треба да го потпише републиканскиот гувернер на таа држава на северозапад од земјата, која има нешто повеќе од милион жители.
Како и многу претставници на демократите и републиканците во американскиот Конгрес, претставниците на Монтана мислат дека платформата на кратки и забавни видеа, посетени од 150 милиони Американци, му дозволува на Пекинг да шпионира и манипулира со корисниците. Текстот им наредува на продавниците за мобилни апликации (Apple и Google) да престанат да дистрибуираат TikTok од 1 јануари 2024 година.
Така, Монтана стана првата американска држава што донесе закон за забрана на TikTok. Но, тоа секако ќе биде оспорено на суд и мали се шансите да се примени во сегашната форма.
„Судот ќе одлучи за уставноста на текстот. Ја продолжуваме борбата за корисниците и креаторите на TikTok во Монтана“, изјави официјален претставник на апликацијата пред гласањето.
Со години, TikTok ги негираше обвинувањата за шпионирање за Кина.