Средба Османи – Албарез: Преговорите мора да продолжат за време на шпанското претседателство со ЕУ

Министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралството Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено, денес оствари работна посета на Република Северна Македонија, на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи искажа задоволство што оваа прва историска билатерална посета на министер за надворешни работи од Кралството Шпанија на нашата држава се случува во предвечерието на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи следната година меѓу двете држави и воедно во пресрет на преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Мадрид, како силна порака на поддршка на нашиот европски пат.

Заблагодарувајќи се за константната поддршка од официјален Мадрид за нашиот евроинтегративен процес, министерот Османи потенцираше дека Северна Македонија останува силно посветена во исполнувањето на неопходните обврски за продолжување на процесот на пристапни преговори, како влог во нашата иднина.

„Посетата доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија и нашето европско досие. Да потсетам дека Шпанија на 1 јули го презема претседателството со Европската Унија од Шведска; клучен период за нас, кога според планот завршува скрининг процесот, и земјава треба да влезе во новата фаза од преговорите, а тоа е отворањето кластери и поглавја” нагласи Османи.

За таа цел, двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Шпанија за развој на соработката во процесот на пристапување на земјава во Европската Унија.