„Со сестра ми чувствуваме дека му должиме, да ја вратиме приказната со Глумците пеат, ставивме во глава, ако сега во 2023-та не ја вратиме манифестацијата, ќе остане така“ вели во Трилинг Маја Бабиќ, ќерката на починатиот актер Марин Бабиќ за возобновувањето на манифестацијата „Глумците пеат“.
Првпат оваа манифестација се одржа во 1992 година.
Бабиќ вели дека „режисер е Дејан Пројковски, од 2000 до 2005, тогаш беше тематско, годинава кратко е времето за тематски продукции. Сакаме да ја вратиме публиката, добивме добар одзив, глумците се маестрални пејачи, забавувачи, исклучително талентирани, а во Македонија има многу талентирани глумци. Фокусот е на македонската музика, затоа што ни е блиска, но и од технички причини, па и за да си ја чуваме македонската музика“.
„Бескрајно сум им благодарна на колегите на татко ми, не знам кој е мотивот за ваквиот ентузијазам, добивме резултат дека имаме актери кои самите се пријавуваат, никој не не одби до сега. Ќе имаме добра вечер на 20 април“ вели Бабиќ.
Таа посочи дека првите години Глумците пеат се подготвувала кај нив дома.
Актерот Марин Бабиќ беше со глас кој оставаше впечаток. На прашање дали треба да се роди еден нов Марин, таа вели:
„Не треба да се роди нов Марин Бабиќ, татко ми бил многу активен на многу полиња, производ на квалитет. Имаме квалитетни луѓе, само на младите им недостасува малку повеќе лудост“.