Бислимоски: Граѓаните реагираат, но не плаќаат поскапа струја
Не плаќаат граѓаните поскапа струја вели Бислимовски претседателот на регулаторна комисија. Тој ја даде оваа изјава по реакцијата на граѓаните за јануарските сметки за електрична енергија за првиот блок се повисоки, а најавите беа дека граѓаните од трите блока ќе плаќаат пониска струја.
„Потрошувачите не плаќаат поскапа електрична енергија. До 31.12 2022 година имаше една цена на електрична енергија. Од 1 јануари има друга цена на електрична енергија и во првиот блок таа е поевтина за четири отсто, во вториот блок за три отсто и натаму како што следи. Со цел граѓаните да го искористат тоа право на пониска цена во прв и втор блок сметките за електрична енергија се поделени согласно закон до 31.12.2002 година е една цена во прв и втор блок, а од 1 јануари е друга цена која е пониска. Кога се имплементираа блоковите сосема јасно кажавме дека просечна дневна потрошувачка за првиот блок е од 7 киловат-часови, а за втор и трет блок 14 киловат-часови. Доколку периодот на отчитување бил од 1 јануари до 10 јануари првиот блок е 70 киловат-часови, вториот блок е од 70 до 210, третиот блок е од 210 до 350 киловат-часови. Таков е концептот. Доколку отчитувањето било за 50 дена тогаш првиот блок не е 210 киловат-часови туку е 350“, објасни Бислимоски.
Тој потврди дека од 600 000 домаќинства, има реакции од 73 граѓани, кои се пожалиле дека во периодот од 1 јануари до крајниот период кога е направена сметката е ставена поголема потрошувачка и сите тие граѓани кои се обратиле до РКЕ бараат од ЕВН да даде реална состојба на броилото и нивните фактури понатаму се коригирани.
За оние граѓани што имаат проблем со сметките, а не реагирале до РКЕ, Бислимоски рече дека за нив испратиле допис до ЕВН како да постапува во тие случаи.
„За да има отчитување кај домаќинствата, треба да се излезе на терен, нема друг начин. Како и секоја компанија во државата, така и ЕВН се соочува со недостиг на кадар, особено во летниот период, кога тие луѓе си наоѓаат друга работа надвор од државата. Нема ниту една земја во Европа каде што има точно отчитување на 30 дена. Кај нас за да има што е можно поправично отчитување, постојат четири отчитувачки групи во рамките на еден месец, така што кај најголем дел од домаќинствата, кои се 600 000, се постигнува. Но, таму каде што има проблем се прават корекции со цел да бидат заштитени интересите на потрошувачите и она што е многу важно што го воведовме е секое домаќинство може да си ја отчита својата состојба на броилото, да ја достави до ЕВН и таа состојба на броилото е обврзувачка за ЕВН да ја имплементира во нивната сметка. Тоа е тој концепт и според мене најдобро е секој да си го отчита своето броило“, вели Бислимоски.
Бислимоски рече дека во јануари заштедата на електрична енергија изнесува 14 отсто. Тоа се должи пред сè на поволните временски услови, но факт е дека и домаќинствата во државата заради намалување на своите трошоци штедат, додаде Бислимоски.