Богоев: ВМРО-ДПМНЕ намерно ја пролонгира дебата во Собрание затоа што нема мнозинство

Парламентарното мнозинство е стабилизирано и зголемено и тоа во Собранието ќе се види многу брзо, порача потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев на ТВ 24.

„Многу брзо тоа ново зголемено парламентарно мнозинство ќе почне да функционира и да испорачува резултати“ истакна Богоев.

Во однос на блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и расправата за реконструкција на Владата, Богоев посочи дека расправата намерно се пролонгира затоа што ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство.

„ВМРО-ДПМНЕ одолговлекува со дискусии во Собрание, за да се сокрие тоа дека тие немаат ново мнозинство. А тоа го прават затоа што Христијан Мицкоски две години вели дека ќе имало ново мнозинство и предвремени избори. Сето ова се прави само за Мицкоски да се обиде уште некое време внатре во партијата и пред јавноста да го крие фактот дека тој нема мнозинство. Сите знаеме дека велеше дека сега во текот на февруари ќе има распуштање на Собранието и техничка влада и во мај ќе има избори. Од тоа нема ништо. Некоректно е во заложништво да е цела држава само затоа што еден човек дал погрешна изјава или погрешна проценка“ порача Богоев.