Чадиковски: Излегуваме да кажеме дека новинарството е јавно добро

Чувствуваме дека работите тапкаат во место, дури и се влошуваат, а законите важни за медиумите не се спроведуваат. Јавните функционери и денес имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите. Излегуваме за да кажеме дека новинарството е јавно добро и дека условите во кои работат новинарите мора да бидат достоинствени, потенцира во изјава за МИА претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, по повод денешниот марш за одбрана на новинарското достоинство, што ЗНМ го организира со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Според Чадиковски, самиот факт што денес излегуваат на протестен марш говори дека треба уште многу да се направи за да имаме достоинствено новинарство. Маршот ќе започне од пред зградата на Владата, а медиумските работници ќе се движат до Собранието на РС Македонија.

Како што објаснува претседателот на ЗНМ, целта е да упатат порака дека бараат почит кон новинарската професија и промени на подобро.

-Ќе бидеме гласни, видливи и што е најважно обединети. Очекувам колегите да бидат присутни, затоа што овие прашања што ги истакнуваме не се важни само за ЗНМ или за ССНМ, важни се за сите нас, новинарите, снимателите и останатите медиумски работници, важни се за граѓаните, за да не ги изневеруваме нивните очекувања, додава тој.

Според Чадиковски, јавните функционери и денес знаат да имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, агресивниот државен Пи/ар ја зема работата на новинарите, локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување, а безбедноста на новинарите не е на ниво на кое би сакале да биде.

Новинарскиот марш се организира кога Здружението одбележува 77 години постоење. Чадиковски потенцира дека е факт оти ова треба да биде заеднички труд на сите чинители, со цел да се креира амбиент за поквалитена работа на медиумските работници, но пред се носителите на јавни функции и политичарите треба да сфатат дека не смеат да не игнорираат или потценуваат. Не заради нас, туку заради граѓаните и јавноста која ние ја претставуваме, порачува Чадиковски.

Новинарството денес не е имуно на општествените трендови. Новите дигитални медиуми стануваат се попопуларни во однос на традиционалните. Според претседателот на ЗНМ, новинарството минува низ сериозни трансформации во поседниве години кои ги диктираат новите технологии.

-Нашата задача како новинари е професионалните стандарди на професијата да ги пресликаме и во новинарството кое се менува. Како здружение на новинари заедно со СЕММ го направивме „Промедиа“, регистарот на професионални он лајн медиуми, со цел фелата сама да почне да ги решава проблемите кои постојат во „онлајн“ просторот. Тие се на добар пат, и очекуваме во наредниот период саморегулацијата да заземе уште позначајно место во медиумската сфера, додава Чадиковски.