Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во мега интервјуто заФокус на прашањето каков статус има во моментов во СДСМ, тој потенцираше дека ова прашање треба да се упати до актуелното раководство на СДСМ.
„Мислам дека ни тие самите не знаат каков е мојот статус во партијата. Но, правно-формално, согласно статутот на партијата, јас сум сè уште член на СДСМ. За мене ова е апсолвирано прашање. Јас мојата политичка иднина ја гледам како составен дел на едно големо граѓанско движење на национално ниво кое што ќе има за цел да ја стабилизира државата и да ја направи самоодржлива и власта да врати кај граѓаните преку нивни легитимни претставници коишто ќе имплементираат политики од општ интерес на државата и граѓаните, а ниту во еден случај како сега да создаваат узурпирана и приватна држава во функција на политички субјекти и поединци коишто истите ги владејат инокосно како приватни компании“, вели Димитриевски.
Димитриевски посочи дека поранешниот лидер на СДСМ и поранешен премиер Зоран , ниту пак тој самиот се судрил со партијата, туку се судрил со голем дел од раководството на СДСМ.
„Јас не се судирам со човек, туку се судирам со политиките кои тој човек ги спроведува. Секој човек има свои карактеристики, маани и доблести. Има лоши и добри политики. Во опозицијата познавав еден Заев, во периодот на власта запознав нов. Заев спроведуваше лоши политики во периодот на власт. Ние имавме колосални разлики во политиките и начинот на практикување на власт. Веројатно ваквото практикување на власт беше причината за мојата елиминација од највисоките партиски ограни. Но да потенцирам дека на таквите одлуки задкулисно секогаш кумуваа други поединци кои што вешто и умешно се криеа зад неговото име, нив јавноста ги знае, а особено партиското членство во СДСМ, моите партиски другари со коишто заедно поминав многу. Резултатот од лошите политики е следен: од страна на граѓаните поразени се таквите политиките и тој го напушти челното место во СДСМ, а граѓаните на Куманово ја подржаа политиката која беше предложена од мене и од граѓанското здружение „За наше Куманово“. СДСМ има прекрасно членство кое во моментов е маргинализирано поради клиентелистичкиот пристап на актуелното раководство и борбата за власт на поединци макар и еден ден повеќе. За жал до ден денеска не изостануваат дејствијата на семејствата особено родителите на носителите на највисоките државни функции од мојот град коишто сметаат дека буквално треба да контролираат се. Почнувајќи од различни здруженија на граѓани, како што во моментот е случајот со обид за оцрнување и смена на актуелното раководство на здружението на пензионерите во Куманово, кое е едно од најдобрите во државата и многу други вакви примери кои имаат за цел да стават политичка контрола во многу вакви добри граѓански организации и семејно да се себеинсталираат во сите сегменти на општествено делување сакајќи преку тоа да имаат влијание. Погрешни се таквите обиди и сето тоа ќе се сруши на крајот како кула од карти“, истакнува Димитриевски.
Тој вели дека се познава лично со актуелниот премиер Ковачевски, во минатото комуницирале како сограѓани, а не како сопартијци.
„Да потсетам, г-динот Ковачевски, во режимот на Никола Груевски беше на менаџерската позиција во македонскиот телеком и уживаше во благодетите на таа позиција и во друштвото на многу тогашни функционери од власта блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш тој немаше време за политички ангажман во СДСМ кога беше најтешко. Немам конкретна понуда за враќање на СДСМ директно од Ковачевски, а и да ја има не би ја прифатил. Но, има голем број луѓе блиски до раководството, па и до Ковачевски кои во својство на емисари нудат различни предлози за коишто не сум заинтересиран. Јас немам намера да ги разочарам граѓаните и да бидам само една нова реприза во практиките на должничко-доверителските односи во политиката и никогаш, ама никогаш нема да ги разочарам тие кои што гласаа за мене како независен кандидат. Мојата цел е реално и конечно заедно со моите соработници да ги сменам работите во нашата држава и тоа е повеќе од потребно. Ние тргнавме по сопствен пат, со сопствени политики, со свои програмски определби со кои ќе се претставиме пред граѓаните на следните парламентарни избори, а нивно е да изберат и да одлучат“, посочува Димитриевски.