Претседателот на Бугарија, Румен Радев, во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ укажува дека без внесување на Бугарите во Уставот на С. Македонија, земјата не ќе може да го отвори процесот за интеграција во ЕУ.
„Бугарија и С. Македонија го прифатија предлогот на француското претседателство со Советот на Европската унија, кој предвидува одредена преговарачка рамка за нашиот сосед. За целосно започнување на пристапните преговори, С Македонија мора да ги заврши договорените уставни измени и да ги запише Бугарите од Северна Македонија за тие да бидат рамноправни со другите државотворни народи наведени во нејзиниот Устав. Без овој чекор, преговорите навистина не можат да започнат. Сите ние очекуваме од земјата кандидат, која ја декларира својата желба да биде дел од Унијата и нејзините вредности, да се заложи за гарантирање и заштита на основните човекови права. Ова е, само по себе, суштински дел од Копенхашките критериуми“, истакна Радев.
Радев вели дека Бугарија отсекогаш ја поддржувала С. Македонија, но според него, за почеток на преговорите за влез во ЕУ, потребна е одредена европска зрелост, исполнување на низа критериуми, меѓу кои е задолжително почитувањето на човековите права.
„Последните месеци сме сведоци на неуспех на амбициите на С. Македонија за евроинтеграции со голем број злосторства од омраза врз локалните Бугари. Палењата и пукотниците врз бугарските културни клубови и насилството врз Бугарите во земјата упатуваат на ситуација која е поблиска до мрачното минато на Балканот отколку до нивната европска иднина. За нас тоа е неприфатливо“, вели тој.