Три милиони евра му должи „БЕГ“ на „ТЕ-ТО“
Компанијата „Балкан Енерџи Груп“ (БЕГ) и должи на централата „ТЕ-ТО“ речиси 3 милиони евра за испорака на топлинска енергија. Само во првите 16 дена од месецов, долгот кон „ТЕ-ТО“, која освен струја, произведува и топлинска енергија е речиси 1 милион евра.
Останува нејасно колку и дали државата ќе покрие дел од долговите на „БЕГ“ кон „ТЕ-ТО“ со оглед дека се очекува финансиското раководење со „БЕГ“ да го преземе државната ЕСМ. Владата треба да донесе одлука за прогласување на кризна состојба во секторот – топлинска енергија, за да може точно да се утврди кои ќе бидат обврските на државата.
„`БЕГ` му должи на `ТЕ-ТО` за топлинска енергија за 16 дена од јануари 860.029 евра… Со одлуките за кризните мерки од минатата недела и овие денови овие обврски треба да бидат регулирани за понатамошна работа на двете компании“, велат од „ТЕ-ТО“ АД Скопје.
Во земјава првпат се случува државата да донесе кризна состојба во секторот за топлинска енергија. Во најголем дел проблемот настана поради високите цени на гасот кои изминативе месеци се на светско рекордно ниво.