Влошената епидемиолошка ситуација во Бугарија и комплетно во Европа ги натера бугарските власти да извршат измена на режимот за влез и за државјаните на Република Северна Македонија, почнувајќи од 19-ти јануари – среда.
Се ограничува влезот за сите неесенцијални патувања во земјата (во исклучоците спаѓаат медицински лица, хуманитарни работници, студенти, лица со регулиран престој, делегации и слично).
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија е во постојана комуникација со надлежни институции во Република Бугарија и со колегите во бугарското Министерството за надворешни работи, со цел замена на постојното решение кое може да предизвика сериозен застој во интензивната комуникација на граѓаните од двете земји.
„До стартот на имплементацијата на целосна забрана на 19 јануари, очекуваме напорите да вродат со плод и постојното решение да биде заменето со нова одлука со која нашите државјани ќе можат да влезат во Република Бугарија и за таканаречените неесенцијални потреби, и тоа со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест и негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа“ – наведуваат од македонското МНР.