Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска ја прими Ана Лирман, државна министерка за Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Од негговиот кабинет соопштија дека посетата на министерката Лирман набрзо по нејзиното именување, ја демонстрира јасната посветеност на германските власти за аспирациите на државите од Западен Балкан за членство во Европската Унија. Тој се заблагодарил што проширувањето на Европската Унија и Западниот Балкан се меѓу клучните приоритети на новата Влада на канцеларот Олаф Шолц.
Пендаровски оценил дека Германија е клучен политички и економски партнер на земјава и еден од најзначајните трговски партнери во годините наназад и изразил очекување за натамошно јакнење на пријателството и партнерството меѓу двете држави, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО, како и очекување за натамошно зголемување на трговската размена
И новиот претседател на Владата – Димитар Ковачевски ја прими Лирман. Тој изрази задоволство што на неговиот прв работен ден како премиер има средба со претставничка на Владата на земја која е докажан пријател, искрен и силен поддржувач на европските интеграции на Република Северна Македонија.
На состанокот со министерката Лирман присуствувал и министерот Бојан Маричиќ, а Ковачевски изрази благодарност што новата влада на СР Германија, предводена од канцеларот Олаф Шолц, го стави проширувањето на ЕУ со Западен Балкан високо на нејзината коалициона програма и особено што експлицитно ја нагласи потребата без натамошно одложување да се отворат првите преговарачки поглавја со Северна Македонија и Албанија како следен чекор на проширувањето на ЕУ кон регионот.