Џафери: И да е 2101 година, на Ахмети ќе му се обраќам со команданте

Претседателот на Собранието Талат Џафери на редовната средба со новинарите на која се разговараше за уставните измени, нефункционалноста на Парламентот поради немањето кворум и предвремените парламентарни избори, не беше расположен да го коментира своето учество на партиските собири на ДУИ и забелешките од новинарите дека како претседател на Собранието на партискиот лидер Али Ахмети му се обраќа со „команданте“, како во 2001 година и дека тоа во 2023 година е неумесно.

Тој рече дека како член на ДУИ сака и оди на партиските собири.

„И да е 2101 година на Ахмети ќе му се обраќам со команданте. Работа на наш однос е како ќе му се обраќам на Ахмети“, рече Џафери.

Претседателот на Собранието Талат Џафери нема да свика собраниска седница за инцидентите кои ги нарушија дипломатските односи на Македонија и Бугарија.

Тој смета дека нема потреба да го повика министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со пратениците бидејќи министерот секогаш доаѓал на комисии и сите одговори во врска со темата можел да ги даде таму.

Џафери на средба со новинарите рече дека постапката за уставни измени најдоцна би требало да почне во јуни – јули годинава за да заврши до ноември, кога завршува и скринингот од ЕУ.