Симната точката за Македонија од дневниот ред на бугарскиот парламент

Бугарскиот парламент нема денеска да расправа за состојбите во Македонија, откако утрово од дневниот ред е симната точката по која требаше да биде сослушан министерот за надворешни работи Николај Милков.

Министерот не дојде во парламентот, а медиумите очекуваа тој да изнесе детали во врска со физичкиот напад врз охриѓанецот Христијан Пендиковски и активностите на бугарското МНР поврзани со овој случај, но и во врска со други случаи поврзани со отворените бугарски клубови во Македонија, како и генерално за односите Софија – Скопје.

Предлогот за ставање на оваа точка како трета на дневниот ред на денешната седница беше на барање на партијата Преродба и на собраниската комисија за политики за Бугарите во странство.

Потпретседателот на бугарскиот парламент Росен Жељазков на почетокот на седницата соопшти дека добиле допис од МНР дека поради службено патување на Николај Милков надвор од државата, дебатата мора да биде одложена.

Инаку, министерот Милков вчера на средба во Брисел ги информирал колегите од земјите од Европската Унија за физичкиот напад врз Бугарин во Македонија, како и за други, според него, националистички напади врз Бугарите и побарал од министрите солидарност.

Тој кажал дека се надева оти нема Бугарија повторно да стави вето за преговорите на Македонија со ЕУ.