Алијанса за Албанците го избира партиското раководство, а потоа ќе се донесе одлука за формален почеток на преговорите за влез во Владата, додека СДСМ најдоцна до вторник ќе има средба со коалициските партнери на тема проширување на владиното мнозинство.
Откако СДСМ ќе добие абер од Алијанса и дозвола од коалициските партнери, одлуката за влез на Алијанса ќе треба да помине на Централниот одбор на партијата, а потоа средба помеѓу Ковачевски и Таравари. Дека Алтернатива е проблем потврдуваат и од СДСМ, а за најавата дека може да излезе од Владата, ако се инсистира да отстапи министерство, велат дека тоа ќе биде одлука на партијата на Гаши.
Но, нагласуваат дека не може Алтернатива да не отстапи министерство, а има тројца пратеници, додека Алијанса, ако стане дел од власта, ќе влезе со осум пратеници. Неофицијално, Ковачевски не сака да остане без Алтернатива, особено зашто заложба и на СДСМ и на ДУИ е зголемување на мнозинството во пресрет на уставните измени.
Иако Алтернатива на Африм Гаши всушност ја спаси владата на СДСМ и ДУИ, откако ситуацијата во собранието беше 60:60 по неуспешниот обид за изгласување на недоверба инициран од опозицијата и Беса, сега влезот на Алијанса практично ја турка надвор. Од таму велат дека немаат намера да преговараат преку медиуми, туку, како што истакнуваат, имаат принципиелен став: кој има проблем, тој треба да ја поднесе цената за да си го реши проблемот.
Најпроблематично, според нив, е што начинот на кој се водат овие разговори го разводнува целиот блок партии кои се за ЕУ интеграции. Алијанса на Албанците во Собранието се поблиску до влез во владиниот кабинет на Ковачевски. Речиси сигурни биле две министерски позиции: здравство и правда кои би ги отстапиле Алтернатива и СДСМ, а се чека дали отстапка со свое министерство ќе направи и ДУИ, брифирираат високи партиски извори. Дополнително, се разговарало и за две заменик-министерски позиции како и за директори во Фонд за пензиско осигурување, Македонски Пошти и Управата за водење матични книги.