Рускиот претседател Владимир Путин им нареди на руските војници да го прекинат огнот и да одржат божиќно примирје во Украина од 6 до 7 јануари со цел да се одбележи Божиќ, кој православните христијани го слават в сабота, се наведува во соопштението на Кремљ.
Во неговата наредба, објавена на веб-страницата на Кремљ, Путин соопшти дека прекинот на огнот ќе започне напладне на 6 јануари и ќе трае до полноќ на 7 јануари.
И рускиот патријарх Кирил повика на прекин на огнот во Украина за Божиќ
Рускиот претседател го повика Киев да го следи потегот и да им дозволи на цивилите кои што живеат во областа на непријателствата да го одбележат Бадник и Божиќ и да можат да одат на богослужби во црквите.
На таа одлука реагираше Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го отфрли повикот на Путин за примирје.
„Прво: Украина не нападна странска територија и не убива цивили. Тоа го прави Руската Федерација. Украина само уништува припадници на окупаторската војска на својата територија“, објави Подољак на Твитер.
„И второ: Русија мора да ги напушти окупираните територии – само тогаш ќе имаме „привремено примирје“. Задржете си го лицемерието за себе“, рече Подољак.