Во САД извршена прва егзекуција на осудено транссексуално лице

За првпат во историјата на САД извршена е смртна казна за транссексуално лице. Станува збор за првата егзекуција во САД во 2023 година.

Амбер Меклафлин е погубена со вбризгување летална инекција во централната сојузна држава Мисури. Локалните медиуми пишуваат дека таа била сместена во одделот за мажи во затворската единица.

Меклафлин (49) беше осудена на смрт за убиство на својата поранешна девојка, извршено во предградие на Сент Луис во 2003 година – пред таа да го промени полот. Таа не можела да ја поднесе разделбата и и се заканувала на жената.

Еден ден Меклафлин ја чекала својата поранешна девојка пред нејзината работа во близина на реката Мисури и ја убила со кујнски нож.

Во 2006 година поротата ја прогласи за виновна, но не можеше да се договори за висината на казната. Судијата потоа ја осуди Меклафлин на смрт.

Мисури и Индијана се двете американски држави каде судиите имаат право да изрекуваат смртна казна кога поротата не може да донесе едногласна одлука за тоа.