Положено цвеќе на гробот на претседателот Глигоров

Делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од премиерот Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, на градските гробишта Бутел, положи цвеќе на вечното почивалиште на претседателот Киро Глигоров.

Денеска се навршуваат 11 години од смртта на првиот претседател на Република Северна Македонија Киро Глигоров, кој на 8 септември 1991 година, после успешниот референдум ја прогласи независноста на државата.
Претседателот Глигоров беше првиот македонски претседател кој се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации на 8 април 1993 кога Република Македонија стана 181 членка на ОН.
Претседателот Глигоров во сите негови чекори визионерски го избираше патот напред кон стабилна иднина и ја виде државата како заеднички дом за сите. Веруваме дека денес би бил горд затоа што Република Северна Македонија успешно ја развиваме во тој правец.

Цвеќе на неговото вечното почивалиште денеска положи и делегација на СДСМ претставена од генералниот секретар Миле Зечевиќ, потпретседателот Стефан Богоев и Ѓунер Исмаил

Претседателот Глигоров беше политичарот кој со својата мудрост ја обезбеди независноста на државата, кој успеа да ја зачува нејзината безбедност во период кога регионот беше зафатен од виорот на војната.

Македонските граѓани и членовите на СДСМ со особена почит се сеќаваат и ги вреднуваат државните достигнувања на претседателот Глигоров кој го отвори европскиот пат на земјата

Со членка книшка 001 на СДСМ, Глигоров со својата мудрост, храброст и визионерство, ги постави темелите на независна, демократска суверена држава која е признаена од целиот свет, која денеска е дел од НАТО и наскоро ќе стане дел од ЕУ.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како одговорна и државничка партија ги негува и спроведува вредностите што претседателот Глигоров ги остави зад себе.