Одбележување на 11-годишнина од смртта на поранешниот претседател Киро Глигоров

Денеска се навршуваат 11 години од смртта на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров.

Претседателот Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст. Беше најстариот македонски политички функционер.

На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.

Делегација на Владата предводена од Јована Тренчевска, министерката за труд и социјална политика и Беким Реџепи, заменик-министерот за транспорт и врски, на градските гробишта Бутел ќе положат цвеќе на вечното почивалиште на претседателот Киро Глигоров.

На настанот ќе присутвува и собранискиот потпретседател Горан Мисовски.

Во 1991 година Глигоров ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.

На 3 октомври 1995 година преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата „Македонија“ во непосредна близина на хотелот „Бристол”.

По пензионирањето беше активен како публицист.