Уапсен е возачот што ја усмрти 11-годишната Магдалена на пешачки премин во Велес

Велешанецот Ангелчо Н. (29) кој во саботата вечерта со своето возило „мерцедес“ во близина на основното училиште „Васил Главинов“ во Велес удри во 11-годишната Магдалена и ја усмрти, а нејзината мајка Е.И.(43) тешко ја повреди денеска е пронајден и уапсен, информираа од МВР.

„Денеска (19.12.2022) во 11.30 часот, по преземени мерки и активности, полициски службеници од СВР Велес во Велес го лишија од слобода А.Н.(29) од Велес, кој на 17.12.2022 околу 22.15 часот на ул.„Борис Трајковски“ во Велес со патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки удри во пешаците Е.И.(43) и нејзината малолетна ќерка, по што го напушти местото. Притоа, малолетното девојче почина на местото, а нејзината мајка се здоби со телесни повреди. Лицето е приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“ велат од МВР.

Додека јавноста на социјалните мрежи се простува со малата Магдалена, повторно се актуелизираа апелите да се постават легнати полицајци на улиците во Велес, како на местото на настанот, така и во други делови на градот каде што се вози бргу.