Гешовски: Ние како општество сме отруени од корупција

Со Гешовски разговараше Марија Димишкова

„Скоро и да не се испраќаат новогодишни честитки, таа традиција веќе е во изумирање. Ние како мала држава, која нема големи ресурси, не се снајдовме најдобро со кризата. Имавме најголема инфлација, немаме правична оценка дали мерките што се носат се правилни. Мора да се направи систем на вредности. Стампедото на инфлација тешко ќе го пребродат и посилните држави од нас. Увезуваме многу храна, треба да има една правична оценка, има компании или сектори кои прават пари, треба да се пооптерени, да го полнат буџетот. Кај нас се уште го одобрува државата финансирањето во станови, тоа е непродуктивна работа. Тоа не носи разбој во економска смисла. Станавме зависно увозна држава, треба да се помогнат некои гранки“ вели Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик сервис“ ЕЛС, во најновото издание на Трилинг.

Гешовски смета дека има корупција во секој бизнис.

„Ние како општество сме отруени од корупција, никој не посегнува по правите чекори. Не се прави дигитализација. Се трошат огромни пари, ова општество залутало во правецот, луѓето немаат доверба во системот. Ние сме во фаза каде што гори, во сите сектори. Сите чекаат некое тендерче да се изгребат, а бројките се поразителни“ вели тој.

Компанијата ЕЛС го започна бизнисот во 2018 година со 10 вработени, а сега има над 250 вработени.

„Ги работиме сите спортски и модни брендови, тоа не прави ексклузивни. Конкуренцијата успеавме да ја споиме. Се трудиме да сме и подобри. Не разликува од другите тоа што имаме интегрирано повеќе сервиси, во Скопје може да доставиме пратка за 1 час, во Македонија може за еден ден да ја доставиме пратката, тоа ја прави услугата атрактивна. Жените повеќе купуваат, а мажите повеќе испраќаат и тоа е добро да биде така“ вели Гешовски.

За он лајн купувањето вели дека „е во нагорна линија кај нас“.

„Државата спие кога се работи за он лајн продажбата. Јас не знам државата што стимулира. Ние сме тие пионери кои продавниците им ги носиме на луѓето, за разлика од порано. Ќе ни се случи, ќе дојдат странски компании, ќе ни го земат пазарот, и ќе бидеме неми следбеници“ вели тој.