Министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјава за ТВ 21 соопшти дека веќе ги информирале структурите на НАТО за континуираните дојави за поставени бомби во земјава.
„Вчера комунициравме со структурите на НАТО, да видиме каков хибриден пристап кон регионот може да се случи, која може да биде причината“, рече Османи.
Министерот додаде дека дојавите за бомби во земјава се дел од хибридни закани што се случуваат и во земјите во регионот што, како што рече, било доволна причина за алармирање на НАТО.
Нова серија дојави за бомби денеска стигна до повеќе објекти во земјава, главно лоцирани во Скопје.
Дојави за поставени бомби стигнаа до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Меѓународниот аеродром „Скопје“, Трговскиот центар „Ист гејт мол“, хотелот „Мериот“, спортската сала „Борис Трајковски“, Националната арена „Тодор Проески“, како и 15 училишта од кои 10 во Скопје и пет во Битола.