Дојава за бомба во „Палас“, „Мериот“, 15 училишта во Скопје и во Битола, „Ист Гејт“, ФФМ и на скопскиот аеродром

Откажана е и денешната годишна конференција на Стопанската комора на Северна Македонија на која требаше да се обрати премиерот Димитар Ковачевски. Меѓу учесниците на конференцијата во „Александар Палас” беа и министрите за економија Крешник Бектеши и за финансии Фатмир Бесими.

Министерството за внатрешни работи ги потврди информациите дека до нив се добиени дојави за поставени експлозивни направи во два хотели во Скопје, трговскиот центар „Ист гејт“, 15 улилишта во Скопје и во Битола, како и зградата на ФФМ, спортската сала „Борис Трајковски“ и аеродромот во Скопје

„Дo сега во СВР Скопје и СВР Битола било пријавено дека на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и во Фудбалската федерација на Македонија, хотел Александар Палас, хотел Мериот, трговски центар Ист Гејт, спортска сала Борис Трајковски и Меѓународен Аеродром Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“ – информираат од МВР.

Ова е прв случај на дојава за поставена бомба на настани на кои предвидено е да присуствуваат политичари.

Се евакуираат патниците и вработените и на Скопскиот аеродром. Откажани се сите летови и повикана полицијата да изврши проверка.

Привремено е затворен и се вршат проверки и во „Ист гејт мол”.

Деновиве цел на дојави за бомби, покрај училишта, се и институции, трговски центри и други објекти.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани досега рекордни 49 дојави за бомби, за кои полицијата по проверките посочија дека се лажни.