Европската унија се согласи да и помогне на Украина со 18 милијарди евра

Лидерите на Европската унија го завршија последниот самит во 2022 година со договор за обезбедување помош на Украина во износ од 18 милијарди евра следната година и воведување нови санкции кон Русија, а исто така одлучија и за минимален данок на повеќекомпанискиот профит од 15 проценти, пренесува Ројтерс.

Одлуките беа усвоени откако Полска во последен момент го повлече својот приговор дека прашањето за помошта на ЕУ за Украина и прашањето за минималната стапка на корпоративните даноци се комбинирани во истиот пакет, откако се задоволи со малку поинаква формулација во текст на заклучоците од самитот на ЕУ.

Глобален минимален корпоративен данок од 15 отсто договорија 140-те земји на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за да се спречат големите меѓународни компании да ја префрлаат добивката низ светот за да ги намалат своите даночни обврски.

Американскиот министер за финансии Џенет Јелен преку писмена изјава го поздрави глобалниот договор за минимален данок.
Овој историски договор помага да се изедначат условите за бизнис во САД, истовремено заштитувајќи ги американските работници, рече Јелен, според Ројтерс.

Владите на Европската унија се договорија и за деветтиот пакет санкции против Русија поради нападот на Москва врз Украина, објавија дипломатите на ЕУ.

Пакетот ќе биде формализиран преку она што ЕУ го нарекува „писмена процедура“ до утре напладне, објави Ројтерс.
„Нашата заедничка определба да ја поддржиме Украина политички, финансиски, воено и на хуманитарно поле сè додека е потребно останува непрекината“, рече Шолц по состанокот на 27-те лидери на земјите-членки на ЕУ во Брисел.

ЕУ, исто така, се подготвува да ги ограничи цените на природниот гас и да ја поддржи својата индустрија, а водачите им дадоа задача на своите министри да ја завршат работата во понеделник.