Вучиќ ќе навива за Мароко на мечот за бронза на Мундијалот во Катар

Хрватската фудбалска репрезентација го започна Светското првенство во Катар со меч против Мароко, а ќе го заврши исто така со меч против Мароко.

Хрватите со своите настапи го воодушевија поголемиот дел од соседството, но не се радуваа сите на повторниот успех на „коцкестите“ на светската фудбалска изложба.

Еден од оние кои навиваат против „соседите“ е и српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Не знам за кого ќе навивам во финалето, но знам за кого ќе навивам во мечот за третото место, за Мароко, тие се нашите вистински браќа кои никогаш нема да го признаат независно Косово. Тие имаат проблем со Западна Сахара. Сега ќе ми кажете дека цел Нови Пазар навива за Мароко, а јас да кажам како да не навивам за нив затоа што се муслимани? Па, тие се наши браќа и пријатели“, истакна Вучиќ.

„Честитки за сите, честитки за добрата игра. Не ги бираш соседите, таму те става Господ, ги бираш пријателите, според твоите интереси, а не каде живеат. Со сето срце бев со Аргентина и Мароко. Навивав и за Аргентина, и за сите останати. И секогаш ќе зборувам отворено“ – рече српскиот претседател.