Арсовска го обвини Мицковски дека и се заканувал

„Доколку не го направиш ова ќе ти се случи тоа и тоа. Во првиот момент кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици, ќе го бришеме подот со тебе.“ Ова, според изјавата на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска се зборовите со кои ѝ се заканувал лидерот на најголемата опозициска партија во земјава, Христијан Мицкоски

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија кажа дека лично добивала притисоци и закани од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Порача дека на оној којшто ги искажува заканите не треба да му се дозволи да биде во функција во која може да ги исполни истите.

„Јас да, сум имала закани од Христијан Мицкоски. И тоа конкретно, лично и директно. Со зборовите ‘Доколку не го направиш ова ќе ти се случи тоа и тоа. Во првиот момент кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици, ќе го бришеме подот со тебе’. Знаете што, верувам дека не жена, туку ниеден човек не треба да биде ставен под таков притисок. На оној којшто ги искажува овие закани не треба да му се дозволи во ниту еден момент да биде во функција во која може да ги исполни сите овие закани. Не треба да им се дозволи на лица коишто на овој начин пртендираат да дојдат и да владеат да го направат истото, не заслужуваат едноставно“,рече градоначалничката Арсовска во емисијата „Само интервју“.

Арсовска вели дека досега повеќепати јавно кажала дека добива закани и ги истакнала и институционално, но дека засега никој не преземал конкретни мерки по однос на ова прашање.

 „Не знам што повеќе треба да се случи за кој било да преземе нешто во оваа држава. Сакаме да зборуваме за систем, за борба против криминал, против корупција, против влијанија, а што е ова ако не е влијание, ако не е притисок“,додава таа.

Прашана дали размислува да се повлече од градоначалничката функција со оглед на притисоците кои ги добива, Арсовска вели дека нема потреба да размислува во таа насока. Вели дека нема намера да се повлече оти, како што додаде, верува дека во оваа држава сите сакаат работите да се сменат на подобро.

„Оној којшто сметал дека ќе може со тоа што сум една личност, жена и затоа што немам политичка поддршка дека ќе може да прави притисоци и закани и под такви влијанија да потпишувам и да работам за овој политички врв, јас сметам дека целата јавност може да види дека се излажал и немам намера да се повлечам“,додаде Арсовска.

Во однос на недоразбирањето со ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска посочи дека суштината во тоа недоразбирање не е со самата партија туку со нејзините лидери кои, како што рече, сметаат дека со притисоци, закани и уцени некој ќе седи и ќе потпишува нешто што тие сметаат дека треба да се случи.

„Доколку сметале дека јас како човек треба да прифатам такво нешто за тие да ја понудат својата поддршка требало да го кажат тоа пред изборите затоа што јас не би прифатила такви луѓе да ме поддржат. Доколку сакал да биде градоначалник, Христијан Мицкоски можел да излезе пред граѓаните и да се кандидра и да види дали ќе го добие нивниот глас и дали ќе победи“,заклучи Арсовска.