Брнабиќ повика на смиреност на северот на Косово: Мирот ќе завладее, Курти нема да успее

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија има интерес за мир и стабилност и ги почитува сите потпишани договори, за разлика од Косово и нејзиниот премиер Албин Курти.
По повод барикадите на косовските Срби на север, таа повика на смиреност и уште повеќе трпение, нагласувајќи дека сите протести треба да бидат мирни и демократски.

„Она што Курти го гледа како закана се нашите постојани повици за мир и стабилност, отворен и искрен дијалог и почитување и целосно спроведување на секој договор постигнат досега во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Србија има интерес за мир и стабилност. Србија ги почитува сите потпишани договори: Брисел, Вашингтон, како и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и Повелбата на ОН. Тоа се нашите вредности“ – напиша Брнабиќ на Твитер.

„Ова се вредностите на Курти: Договорот од Брисел – не постои, Вашингтонскиот договор – не е валиден, Резолуцијата 1244 – закана за Приштина, човековите права и владеењето на правото – забрана на Србија да гласа, конфискација на нивниот имот и секојдневна закана на брутална сила“, додаде таа.