Мицкоски: Буџетот не е развоен, туку инфлаторен

Буџетот на државата не е развоен, туку инфлаторен, изјави денеска во Велес претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како одговор на новинарско прашање за интервјуто на премиерот Димитар Ковачевски за државната МИА.

„Би сакал да кажам три поенти. Првата поента е кога вели дека ова е развоен Буџет, не е развоен Буџет туку е инфлаторен. Зошто инфлаторен? Затоа што основата на неговото димензионирање е инфлацијата. Тие велат имаме зголемени буџетски приход поради зголемена инфлација, и таа ја проектираат на ниво од 7,1%. Што значи дека сиромашните граѓани дополнително ќе ги осиромашуваат преку даноци и тие даноци ќе ги прибираат за нетранспарентно трошење на Буџетот“ рече Мицкоски.

Тој посочи дека власта не организира отворени денови за граѓаните да видат каде ќе се трошат парите од Буџетот.

„Ковачевски вели дека растот на Бруто домашниот производ ќе достигне стапка од 5%. А, истата таа Влада, истото тоа Министерство вели дека следната година ќе имаме раст од 2,9%. Значи огромна е грешката. И тоа кога ќе го претворите во пари значи неколку стотици милиони евра. Ако премиерот вели 5%, а Министерството за финансии вели 2,9%, грешката помеѓу едниот и другиот орган е некаде околу повеќе од неколку стотици милиони евра“ – оцени тој.

Според него, не се точни информациите и во врска со трансфер дотациите кон општините, што треба да следат.

„Сѐ се прави само да се спречи развојот на општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Не им се овозможува за првпат историски општински обврзници, задолжувања преку банките како што е случајот во Гевгелија и во Радовиш. Така што повторно уште една лага, уште една манипулација или незнаење на Димитар Ковачевски, што е навистина катастрофално“ рече Мицкоски.