Кејн: Ја преземам одговорноста за промашениот пенал, таков е фудбалот, ќе боли!

Капитенот на Англија, Хари Кејн презема одговорност да го изведе и вториот пенал кој го доби неговата селекција, но во обидот да биде спасител на „Гордиот Албион“, на крајот се претвори во голем трагичар. Не успеа неговата репрезентација да дојде до голем резултат на Светско првенство.

Франција победи со 2:1 благодарение на промашувањето на Кејн и се пласираше во полуфиналето во Катар.

Англичаните ќе чекаат нова шанса, а Хари Кејн ја презема одговорноста за трагичниот крај.

– Јас сум огорчен, тимот е огорчен. Имавме верба дека можеме да направиме нешто специјално, нешто големо на ова Светско првенство, а на крајот си заминуваме поради маргини, поради ситни детали. Сметам дека имавме подобри шанси и дека бевме подобри на моменти. На крајот, се се сведува на егзекуција. Како капитен, ја преземам одговорноста за промашениот пенал. Тешко е да се прифати, но таков е фудбалот, ќе боли, но мора да продолжиме напред. Не можам да бидам погорд на оваа група, мора да бидеме подготвени за иднината. Имаме големи таленти, не чека Европско првенство за една и пол година и одиме напред. Тоа е фудбалот, таков е спортот. Мора да се прифатат работите такви какви што се и да се продолжи напред“ – изјави Кејн.