Борел до Европскиот парламент: Турција одржува блиски врски со Русија, загрижени сме

Европската унија е загрижена што Турција одржува блиски врски со Русија и покрај војната во Украина и строгите санкции на Западот против Москва, пишува германската агенција „Dpa“.

Продлабочувањето на економските врски меѓу Турција и Русија се „причина за голема загриженост“, рече шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел во писмо до Европскиот парламент, објави германската медиумска групација „Функе“.

Друга причина за загриженост е продолжувањето на политиката на Турција за „неприклучување кон рестриктивните мерки против Русија“ воведени од Унијата, се наведува во писмото.

Борел посочи дека ЕУ и Турција формираат царинска унија, која овозможува слободен проток на стоки, што може да се користи и за цивилни и за воени цели. Важно е Турција да не и понуди на Русија каков било начин да ги заобиколи санкциите, предупреди Борел.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска треба да разговара со неговите руски и украински колеги за „зајакнување“ на договорот на Обединетите нации за коридорот за жито преку Црното Море.

Телефонските разговори со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленскии доаѓаат во време на долготрајни проблеми со јулскиот договор, постигнат со посредство на ОН и Турција. Договорот, неодамна продолжен до средината на март, дозволува извоз на украинско жито преку Црноморскиот коридор.