Четворица уапсени во Брисел под сомневање за корупција во Европскиот парламент

Четири лица, меѓу кои и поранешен пратеник во Европскиот парламент, се уапсени во Брисел како дел од истрагата за корупција поврзана со земја во Персискиот залив, соопшти Федералниот јавен обвинител на Белгија.

Државното обвинителство не ја именувало државата, но според белгискиот дневен весник „Ле Соар“ станува збор за државата Катар чии функционери наводно се обиделе да купат поранешен претставник на италијанските социјалисти, кој бил во ЕП од 2004 до 2019 година.

Истрагата опфатила дејствија „корупција“ и „перење пари“ од организирана банда, соопшти истрагата. Неколку месеци, белгиските истражни судии „се сомневаа дека една држава од Персискиот Залив влијаела врз економските и политичките одлуки на Европскиот парламент, со плаќање суми на пари или нудење големи подароци на трети лица кои, поради нивната политичка и/или стратешка положба, имаат големо значење“ во таа институција.

Сојузното државно обвинителство, кое е задолжено за истрага на кривични дела тероризам и организиран криминал, не го открива идентитетот на приведените лица. Утринава во рамките на истрагата нарачана од судија од Брисел, извршени се 16 рации во различни општини на главниот град на Белгија, каде се наоѓа и седиштето на ЕП.

Покрај четворицата уапсени, во рамки на истрагата полицијата запленила „околу 600.000 евра во кеш“ и „компјутерски материјал и мобилни телефони“ чија содржина ќе се анализира. Цел на операцијата биле помошниците на европратениците кои работат во ЕП. Меѓу уапсените е и поранешен пратеник во Европскиот парламент, соопшти државното обвинителство.