Според Бербок, презирот на иранските власти кон човештвото е неограничен.Таа реагираше на егзекуцијата на учесник во демонстрациите што го тресат Иран.
Маж осуден за повреда на припадник на паравоени сили за време на протестите во Иран, беше егзекутиран утрово во Техеран. Тоа беше прво извршување на смртна казна на осуден учесник во протестите.
Мохсен Шекари е „осуден и погубен во рамките на подмолно и брзо судење бидејќи не се согласуваше со режимот“, истакна Бербок Ставот на Бербок е дека заканата со егзекуција нема да ја смири желбата на луѓето за слобода.
Франција пак, изрази „силна осуда“ по егзекуцијата во Иран на мажот обвинет за ранување на член на паравоена група.
– Оваа егзекуција се додава на други тешки и неприфатливи прекршувања, потенцираше портпаролката на француското Министерство за надворешни работи, Ан Клер Лежандре.
Тримесечните антивладини демонстрации на кои интервенираа иранските безбедносни сили беа предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, откако таа беше приведена поради наводно кршење на строгиот кодекс на облекување на Иран.
Во меѓувреме, демонстрациите се претворија во повици за соборување на верските владетели во Иран и претставуваат еден од најсериозните предизвици за иранските власти од револуцијата во 1979 година.
Револуционерниот суд на Иран редовно изрекува смртни казни. Судот е основан по исламската револуција во 1979 година.