Зеленски: Во руско гранатирање загинаа 10 лица, а повеќемина се ранети

Во руското гранатирање на истокот на Украина десет лица загинаа, а неколку луѓе се ранети, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Како што јави Ројтерс, Зеленски за нападот што се случи во градот Курахов рече дека бил „многу жесток и апсолутно пресметан“.

„Тоа беа мирни луѓе, обични луѓе“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање.

„На пазар, во лифт, на бензинска, на автобуска и во станбена зграда. Во моментов списокот на загинати е десет, а многу се повредени“, рече Зеленски.

Курахов се наоѓа во регионот на Доњецк, каде што беа забележани едни од најтешките борби откако Русија ја започна својата инвазија.

Зеленски, исто така, рече дека четворица полицајци загинале од руска мина додека работеле на стабилизирање на енергетската мрежа во јужниот регион Керсон, а уште четворица биле згрижени поради повреди, пренесува Радио Слободна Европа.