Пендаровски – Гир: Земјава останува фокусирана на европската агенда
Средба меѓу Претседателот Стево Пендаровски и евроамбасадорот Дејвид Гир денеска во „Вила Водно“. Политичките случувања во земјава во пресрет на формирањето на новата влада, како и очекувањата и можностите за напредок во однос на европските перспективи беа темите за разговор.
Пендаровски рече дека Северна Македонија останува фокусирана на европската агенда и подготвена за дијалог со Република Бугарија во насока на надминување на постоечката состојба. Претседателот констатираше дека валоризирањето на напредокот на нашата држава и почетокот на пристапните преговори, согласно препораките на Европската Комисија, ќе претставува дополнителен поттик за реформските процеси, посебно во клучните сфери како борбата против високата корупција и владеењето на правото.
На средбата, според информациите од Кабинетот на Пендаровски, било и посочено дека почетокот на пристапните преговори со ЕУ значително ќе се одрази и на регионалната соработка, стабилноста и напредокот на регионот.