Влада со старо-нови имиња, можни се и изненадувања

Имињата на министрите во новата македонска Влада ќе бидат познати во понеделник.

Претседателот на СДСМ и иден премиер – Димитар Ковачевски во понеделник на седница на Централниот одбор на партијата ќе ги соопшти имиња на новите министри кои ќе влезат на Илинденска бр. 2.

Според извори на порталот „Трилинг“ не е исклучено на местото на Оливер Спасовски во Министерство за внатрешни работи да седне универзитетски професор од областа на безбедноста.

Иако деновиве името на досегашниот вицепремиер за борба против корупција – Љупчо Николовски се споменува како можен наследник на Радмила Шеќеринска во Министерство за одбрана, сепак според извори на „Трилинг“ многу е поверојатно тој да го добие ресорот земјоделие, па се поставува дилемата кого мандатарот Ковачевски ќе го предложи за министер(ка) за одбрана.

Извесно е дека министерот за правда – Маричиќ ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, а Министерството за правда веројатно ќе го води Славјанка Петровска.

СДСМ инсистира Министерство за труд и социјална политика да продолжи да го води жена, но засега останува непознаница кому ќе му припадне овој ресор откако НСДП ја одби понудата Соња Мираковска да седне во оваа министерска фотелја.

Владата ќе добие и нова министерка за култура, а дилемата е помеѓу потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Бисера Костадиновска Стојчевска и Љубица Јанчева од Институтот за национална историја која до скоро беше претседавач со Советот на Град Скопје.

Инаку мандатарот за состав на новата Влада ги привршува консултациите со владините партнери. Тој денеска имаше средба со претседателот на Алтернатива – Африм Гаши.

Лидерот на Алтернатива во објавата за средбата, вели дека неговата партија ќе се заложи за унапредување на европската и прогресивна ориентација на државата, како дел од европското семејство.

Инаку, Алтернатива минатиот месец постигна договор со тогашниот премиер Зоран Заев за влез во Владата, со што позициите на владејачкото мнозинство во Парламентот се зајакнаа со четирите пратеници од партијата на Гаши и сега тоа мнозинство брои 64 пратеници.

Ковачевски од претседателот на Македонија, Стево Пендаровски кон крајот на годината го доби мандатот да формира Влада. Очекувањата се по празниците да се формира новиот владин кабинет, а собраниската седница на која ќе се гласа за избор на новата Влада веројатно ќе се одржи помеѓу 17. и 20. јануари.