Невладината „Гласен Текстилец“ денеска преку соопштение ги повика работниците на кои не им е исплатен регрес за годишен одмор (К-15) истото да го пријават затоа што тоа претставува законска обврска на работодавачот. Рокот за исплата на регресот беше до 31. декември 2021 година.
„Ве повикуваме до 15 јануари 2022 година, да пријавите доколку не ви е исплатен регрес од годишен одмор или ви е исплатен само дел од предвидениот надоместок за уредно да можеме да реагираме и пријавиме до Државниот трудов инспекторат, се со цел работодавачот да биде задолжен за негова исплата и соодветно санкциониран. Пријавувањето е анонимно и ве охрабруваме да пријавувате прекршување на работнички права, бидејќи заштита доаѓа најпрвин од самите вас како работници“ – се вели во соопштението од „Гласен Текстилец“.
Ги повикаа ССМ и Организација на работодавачи да го ревидираат Колективниот договор за стопанството, се со цел да не се дозволува простор за манипулација и исплата на регрес за годишен одмор во помал износ од предвидениот законски износ.