„Зад нас ја оставаме 2021 година. Година на општествено закрепнување од коронавирусот, на масовна вакцинација, но и година на економско опоравување.
Деновиве, кога луѓето, домовите, се исполнети со надеж и верба, мотивирани влегуваме во новите почетоци, да продолжиме посветено во реализација на целите пред нас.
2022 година ќе биде година на нови предизвици, особено во делот на енергетиката и пандемијата со коронавирусот, но ќе биде и година на нови заеднички успеси на општествен, социјален и пред се економски план.
Со фокус на економијата, ефикасност на институциите, одговорност и чесност да го подобриме животниот стандард на граѓаните.
Минималната плата мора да продолжи да расте, а со неа ќе растат и просечната плата, пензиите, додека невработеноста и натаму ќе опаѓа.
Тоа ќе го постигнеме со одговорна и посветена работа, заедно со мојот тим и заедно со вас граѓаните.
Нашата заедничка иднина е иднина во ЕУ и нема да се откажеме од тој стремеж, ќе работиме за исполнување и на оваа стратеша цел.
Нека 2022 година биде година на сплотеност и заедништво. Зад нас да ги оставиме поделбите и деструкциите.
Здружени во сегашноста, за да не останеме поделени во иднината. Заедно да го чуваме и градиме нашиот заеднички дом – Република Северна Македонија.
Нека е среќна новата 2022 година, ви посакувам добро здравје, мир и спокој во празниците што претстојат“ се вели во новогодишната честитка на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.