„Еден од стратешките успеси е што го вративме проширувањето на маса како еден од клучните стратешки проекти на ЕУ. Но, тоа бараше многу дискусии. Во овие дебати многупати сум кажал дека по се што доживеавме на исток и она што го видовме на Балканот во последните децении, треба да биде јасно дека ЕУ мора да се прошири, што го проширува просторот на слобода и просперитет. Треба да се ослободиме од илузијата дека работите ќе се решат сами, а ако не се прошири ЕУ, тогаш ќе се прошири некој друг“.
Ова во телевизиско интервју го изјави словенечкиот премиер – Јанез Јанша.
Тој додаде дека со тоа на состаноци во Брисел успеал повторно да ја воведе „перспектива за членство“ во документите на Европската унија наместо „европска перспектива“ на европските земји надвор од ЕУ, на што тој тврди дека се спротивставиле и некои од старите членки, основачи на ЕУ.
„Посебно има многу опортунизам кога станува збор за Западен Балкан. Еден од европските лидери, нема да му го кажам името, дури и во дебатата рече: зошто да ги внесеме во Европската унија, кога вака ни се толку евтини како работна сила“ – рече Јанша.
Премиерот на Словенија потенцираше дека „Европскиот проект се уште не е завршен, а многу земји кои сакаат да станат членки на Европската унија се уште не се слободни. Тој проект треба да продолжи, а проширувањето е негов суштински елемент“.