Министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски на сите граѓани им посака среќна и бериќетна Нова година. За празниците тој потсети дека треба да празнуваме одговорно, да се погрижиме да го сочуваме сопственото и здравјето на најблиските.
„Да не возиме ако консумираме алкохол или да не пиеме ако мора да управуваме возило. Да не го објавуваме нашето отсуство од домот, правејќи го така попривлечно за крадците и разбојниците, а сомнителните појави да ги пријавиме во најблиската полициска станица. Пиротехниката да им ја оставиме на професионалците, оти далеку поубаво место за прослава е кругот на најблиските одошто ургентните центри. Иако за полицијата нема празник и таа ќе биде присутна на терен, да се воздржиме од инциденти, бидејќи тие само ја уништуваат празничната атмосфера“ – вели Спасовски во новогодишното обраќање.
„Зад нас е уште една турбулентна година, првенствено предизвикана од продолженото дејство на коронавирусот кој, за жал, сѐ уште не го прогласи својот завршеток“ – подвлекува министерот.
„И политичката сцена имаше своја посебна динамика, која навестува преобразби во годината што следи, како на национален, така и на меѓународен план, очекувања за зајакнати дијалози и желби за посилно темпо на реформи“ – рече Спасовски.